Министерката за правда, Рената Дескоска, на Фејсбук објави фотографии од денешната средба на работната група за предлог-законот за Јавното обвинителство за судбината на предметите на СЈО. Над фотографиите Дескоска напиша: „Консултации на работната група за законот за Јавното обвинителство“.

На средбата, покрај министерката, присуствувле и државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, академикот Владо Камбовски, обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска, универзитетскиот професор Гордан Кајалџиев и уште неколкумина.

Средбата доаѓа по вчерашното писмо на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која ги овласти обвинителите да му ги предадат предметите на Републичкото јавно обвинителство во рок од три дена.

Министерката Дескоска вчера истакна дека ќе се направат консултации за тоа какво влијание ќе има наредбата на Јанева врз одредени одредби во законот.