Полицијата информира за два одделни случаи со нанесување на штета во „Железници на Република Северна Македонија“.

Едниот се случил во Скопје, кога непознат сторител на влезот од железничката станица „Јане Сандански“ демонтирал делови од свртница што служат за одредување на правец на движење на возовите.

Деловите потоа ги оставил покрај пругата.

– На тој начин била загрозена безбедноста на железничкиот сообраќај на тој дел од пругата, но сообраќајот не е во прекин – велат од МВР.

Во вториот случај, станува збор за кражба на магацин на Железници во Велес. Од полицијата велат дека приведени се две лица на возраст од 27 и 30 години, кои со употреба на тврд предмет и физичка сила извршиле кражба на повеќе предмети.

Украдените предмети биле пронајдени и одземени, а по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.