Две лица од Скопје на возраст од 24 и 28 години се убиени ноќеска при пукање во Топанско Поле, велат од МВР за „Макфакс“. Тие биле пронајдени мртви, а пукањето било пријавено од лица кои случајно се затекнале на местото и ги слушнале истрелите. На местото се пронајдени повеќе чаури од пиштол и автоматска пушка. Убиството се случило доцна ноќеска, пред три часот, на улицата „Македонско-Косовска бригада“.

Убиените се превезувале со патничко моторно возило „ситроен“ со скопски регистарски ознаки. Итната медицинска помош констатирала само дека двете лица не давале знаци на живот. Остануваат непознати причините за двојното убиство, а од полицијата велат дека се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.

Уште доцна ноќеска многубројни полициски екипи беа излезени на терен за расчистување на убиството. Сведоци на крвавиот настан биле и соседи кои биле разбудени од гласните пукотници. Увидот на терен и натаму трае, а неофицијално, на разговор веќе се повикуваат лица од кои може да се дознаат повеќе детали за тоа што се случувало ноќеска при убиствата.