Околу два килограма кокаин се откриени и запленети на Аеродромот во Скопје од страна на Царинската управа и Министерството за внатрешни работи. Со тоа, пред два дена, е спречен уште еден обид на криумчарење со наркотични дроги, известуваат од Царинската управа.

Во средата околу 20:30 часот со летот од Цирих, на влез во Република Македонија селектиран е и детално прегледан патник државјанин на Република Венецуела.

При прегледот, во неговиот багаж пронајдено е околу два килограма бела прашкаста материја, која при проверка со тестер за дрога дала позитивен резултат за присуство на „cocaine hydrochloridе“, што индицира дека непознатата растителна материја е наркотична дрога кокаин.

По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител, непознатата прашкаста материја е доставена на вештачење со кое е утврдено дека станува збор за кокаин.

Вредноста на запленетата дрога, на црниот пазар во Република Македонија, изнесува околу 140.000 евра, додека истата при продажбата на мало би била повеќекратно зголемена и би достигнала вредност околу 570.000 евра.

Царинската управа на Република Македонија до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничениот поднесе кривична пријава, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, соопштуваат оттаму.