Фото: Илустрација

Две лица загинаа, а седум се повредени во сообраќајна несреќа што се случила на крстосницата од булеварот „Србија“ и булеверот „Борис Трајковски“, поранешна „Првомајска“, во Скопје.

Според информациите на МВР, несреќата се случила синоќа околу 23.05 часот, а во неа учествувале пет возила – „фолксваген пасат“ управуван од Р.А.(50) од Студеничани, скопско, „мерцедес“ управуван од Х.С.(28) од Скопје, „фолксваген шаран“ управуван од З.И.(30) од с.Студеничани, „хјундаи аксент“ управуван од О.А.(25) од с.Батинци, скопско и „фиат пунто“ управувано од Е.Б.(39) од Скопје.

Во незгодата, на местото починале возачите Р.А. и Х.С.. Со тешки телесни повреди се здобил малолетник во возилото „фолксваген пасат“, а со телесни повреди се здобиле сопатниците во истото возило Ф.А.(49), Н.А.(23) и две малолетни лица, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ се здобиле и возачите О.А. и Е.Б..

По укажаната лекарска помош, О.А. бил приведен и задржан во полициска станица.