Битката на властите против трговијата со дрога се одвива секојдневно / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Минатиот месец шпанската национална полиција, заедно со холандската, белгиската полиција и со Европол, откри повеќе од 34 илјади стебла марихуана и уапси 17 лица во серија координирани акции во трите држави. За одгледување на марихуаната криминалните групи украле електрична енергија во вредност од повеќе од половина милион евра. Дека граѓаните навистина се „залетуваат“ во бизнисот со марихуана говори и фактот што за само неколку дена полицијата во земјава, поточно само во Скопје изминатава недела, во неколку акции откри 40,5 килограми марихуана

Шверцот и илегалната продажба на марихуана уште поголем предизвик за време на пандемијата

Изминатиот период продажбата и шверцот на марихуана стана еден од најчестите „бизниси“ на криминалните групи, и тоа не само во земјава туку и во светот. Лесната достапност на марихуаната, како и нејзиното одгледување на места недостапни за полицијата, дополнително го прават овој бизнис примамлив за криминалците. Нелегалниот „бизнис“ со марихуана е доста застапен и во земјава. Полициските билтени се доволен доказ дека истата таа е на големо распространета помеѓу населението, бидејќи секојдневно во полициските извештаи има по неколку случаи на фатена марихуана кај граѓани од различна возрасна група.
Битката на властите против трговијата со дрога се одвива секојдневно, но се чини дека граѓаните што ја консумираат или, пак, ја продаваат воопшто не се исплашени од контролите на полицијата што изминатите месеци се значително зголемени.
Економската криза што неминовно ја донесе пандемијата, по сѐ изгледа ги натера граѓаните да се завртат кон нелегалните бизниси со дрога, а особено со марихуана, која очигледно им е лесно достапна, но и со голема побарувачка и многубројни корисници.

Во акција на Европол за време на пандемијата се откриваат сѐ повеќе илегални насади

Минатиот месец шпанската национална полиција, заедно со холандската, белгиската полиција и со Европол, откри повеќе од 34 илјади стебла марихуана и уапси 17 лица во серија координирани акции во трите држави. За одгледување на марихуаната криминалните групи украле електрична енергија во вредност од повеќе од половина милион евра.
Криминалната мрежа, составена од државјани од Република Албанија, лоцирала мирни изолирани области и згради што ги опремувала за масовно производство на марихуана во предградијата на Барселона и Шпанија.
Тие упаднале во системите за снабдување со вода и електрична енергија за илегалното одгледување на растенијата во затворен простор. Откако завршувала бербата, тие ја праќале марихуаната во Холандија, скриена во палети натоварени на камиони. За меѓусебна комуникација користеле шифри и кодови.
Во акцијата се уапсени 11 лица во Шпанија, четири лица во Холандија и едно лице во Белгија. Претресени биле 63 куќи, а биле пронајдени пет плантажи во затворен простор. Проверки се извршени на 14 возила, а биле откриени и голем број лажни лични карти.

ФАТЕНИ ПОВЕЌЕ ОД 40 КИЛОГРАМИ МАРИХУАНА САМО ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА

Дека граѓаните навистина се „залетуваат“ во бизнисот со марихуана говори и фактот што само за неколку дена полицијата во земјава, поточно само во Скопје изминатава недела, во неколку акции откри 40,5 килограми марихуана.
Изминатата недела Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал – Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност до Основното јавно обвинителство во Велес поднесе кривична пријава против А.И. (59) и З.М. (52), двајцата од Куманово, за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по членот 215 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Двајцата ја набавиле марихуаната од Косово со намера да ја транспортираат до Турција, за одредена противправна имотна корист.
– На четврти ноември тие отпатувале во Косово за да ја преземат марихуаната, по што се вратиле во Северна Македонија, а товарното возило во кое била марихуаната по насоки на А.И. било паркирано на договорена локација во Скопје. На деветти ноември З.М. по инструкции на А.И. тргнал за Турција при што на автопатот Скопје – Велес изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Од страна на полициски службеници од ЕНТД е извршен преглед на товарното моторно возило при што во истото тоа е пронајдена марихуана. Пронајдената марихуана е предадена за вештачење и утврдено е дека е со вкупна нето-тежина од 36 килограми. Лицата се лишени од слобода и изнесени пред судија на претходна постапка, при што им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена – информираа од Министерството за внатрешни работи.

За жал, ова не е единствен случај во кој е откриена марихуана, иако разликата е само во нејзиното количество.
Еден килограм марихуана беше пронајдена повторно изминатава недела кај дваесет и деветгодишник во неговата викенд-куќа во селото Моране.
Поголема група наркодилери беше разбиена исто така изминатата недела во Скопје кога беа запленети и 3,5 килограми марихуана. Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога во координација со Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР-Дебар и СВР-Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога разби група наркодилери и заплени марихуана. На булеварот Борис Трајковски во Скопје било запрено возило „џип“ со скопски регистерски таблички, управувано од В.М. (34) од Скопје, а како сопатник бил М.Г. (29) од Скопје и при извршениот преглед биле пронајдени 3,5 килограми марихуана.
Од преземените дополнителни мерки и активности е утврдено дека организатор на нелегалната продажба бил А.М. (27) од Дебар, кој заедно со Ф. П. (29) од Скопје договарале купопродажба на дрогата на паркинг на булеварот Кочо Рацин. Во близината на транспортниот центар во Скопје, полицијата го привела А.М. и при извршен преглед кај него пронашла 70.500 денари и 1.800 евра што ги добил за продажбата на дрогата. Подоцна на паркинг на булеварот Кочо Рацин приведен бил Ф.П. Во истрагата се обезбедени докази за инволвираност во кривичното дело и за уште две лица: Р.А. (35) и П.Ѓ. (32).

[email protected]