Адвокатот Мерџан Даути ги повика институциите да преземат соодветни чекори со цел почитување на законите откако судот денеска ги одби сите барања за произнесување на одбрната во предметот ТНТ.

„Како што најавив, обвинителот Бурим Рустеми, денеска, на главната расправа на 16.11.2021 година, на судскиот случај познат за јавноста ТНТ, се произнесе во врска со доказите на одбраната и не даде согласност за да се прочитаат доказите на одбраната, иако сѐ уште не се прочитани и изведени доказите предложени од стана на поранешното СЈО.

Во оваа пригода сакам да ве информирам и да ги повикам надлежните институции да преземат соодветни чекори со цел почитување на законите во Република Северна Македонија. Имено, јавниот обвинител ме информира претходно дека предметот ТНТ, како и другите предмети што ги застапува пред Основниот кривичен суд, имал договор со судот да се завршат до крајот на годината, т.е. најдоцна до 15.12.2021 година.

Успеал, му честитаме. Се поставува прашањето каде е тука еднаквоста на оружјата кога претходно Обвинителството и судот договараат што треба да се случи на главна расправа.

Во согласност со горенаведото, ве молам итно да преземете соодветни мерки со цел владеење на законите во Република Северна Македонија и водење судски постапки во согласност со позитивните законски прописи“, пишува Даути во дописот до медиумите.