Во последните години, во МВР се вложува во унапредување и осовременување на постапката на полиграфско тестирање, односно се вложува во специјализирани, континуирани и стручни обуки на кадарот, а во постапка е и набавка на нова најсовремена полиграфска апаратура, заклучуваат од Министерството за внатрешни работи

Детекторот за откривање лаги помеѓу вистината, митовите и легендите

Полиграфското тестирање, според податоците од Министерството за внатрешни работи, се користи и во земјава, бидејќи неговата примарна намена е да се утврди вистината кај секој испитаник што ќе прифати да направи полиграфско тестирање.
Како што информираат од МВР, полиграфот се користи за утврдување факти и околности, кои де факто карактеризирале одреден настан или дејствие што се случило, а е направено од едно или повеќе лица, односно дефинирање на улогата на лицето или група лица што ја имале во конкретниот настан и утврдување на начинот и дејствието што го презеле во даден момент на дадено место.
– Во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, полиграфот најчесто се користи во насока на расветлување и помош при расветлување кривичноправни настани, со цел пронаоѓање и прибирање материјални докази за евентуални сторители на кривични дела – информираат од МВР.
На прашањето дали имаат евидентирано случај во кој некој сторител на кривично дело успеал да го измами полиграфот, од МВР информираат дека тоа прашање е посоодветно да се постави кон судовите и јавните обвинителства во земјава.
– Прашањето е комплексно и заслужува малку покомплексен одговор за да може јасно да се дефинираат работите, кои се прилично и неретко „мистични“ околу полиграфската дејност, која е детерминирана од три заемно поврзани и неразделни сегменти:

(1) полиграфска машина составена од главно медицински сензори и инструменти, кои неретко наоѓаат примена и како поединечни инструменти во поединечни сектори од медицината и медицинската наука (невропсихофизиологијата на пример), а која треба секогаш да е современа и во одлична кондиција;

(2) полиграфска наука, која се развива од почетокот на 20 век или од раните 1920-ти години од минатиот век – која досега има развиено голем број меѓународно верифицирани, валидизирани и акредитирани методи и техники, кои денес се применуваат при полиграфското тестирање (пр. валидизирана метода, која при тест на 1.000 испитаници генерира секогаш еден ист резултат);

(3) полиграфски експерт, кој задолжително мора да помине соодветна обука, како и редовно да го надградува своето знаење од областа на невропсихофизиологијата – за да може соодветно да работи и управува со полиграфската машина.
Доколку сите овие три погоре наведени сегменти се во корелација и во целост исполнети, тогаш процентот на измама на полиграфот и полиграфскиот експерт се сведени на маргинална грешка, теоретски и практично скоро и невозможни – велат оттаму.

Од МВР потенцираат дека полиграфот е сепак машина составена од хардверски и софтверски дел и скоро е невозможно да се измами – тој само ги отчитува и запишува отстапките односно промените на невропсихофизиолошките реакции на телото при дадени стимули во форма на прашања од страна на полиграфскиот испитувач и по даден одговор од страна на испитаникот кон полиграфскиот испитувач; ама затоа, за жал, неретки се случаите на светско ниво во изминативе 100 години каде што испитаници успеале да го измамат полиграфистот, а тоа може да се случи доколку истиот тој е со несоодветна стручна спрема, несоодветна обука и недоволно искуство во соодветната област.
– Во судските предмети, во светски рамки, секаде каде што е докажано дека полиграфските извештаи не се точни – најчесто станува збор за пропусти во постапувањето на полиграфскиот испитувач што постапувал по соодветниот предмет, а поретко поради грешка на самиот полиграфски апарат. Покрај есенцијалната потреба од квалитетна техника, врвен приоритет е вложување во соодветен стручен и образован кадар што управува со таа техника. Сите три сегменти погоре споменати единствено и само заемно поврзани – даваат висок степен на веродостојност при изведување на полиграфските тестирања – информираат од МВР.
За неговата меродавност од МВР велат дека полиграфската наука во светски рамки се практикува и развива подолго од 100 години, во текот на својот научен и практичен развој од голем број светски научници – полиграфот од ориентационо-елиминационо средство – кон крајот на минатиот век, кога првпат се утврдуваат првите валидизирани полиграфски методи и техники што достигнуваат степен на веродостојност со изразена математичка и статистичка прецизност и од над 95 отсто, слободно може да се каже дека полиграфската наука денес, сериозно претендира сериозно да го заземе приматот во соодветната област како дел од сериозната научна дисциплина, а со тоа и да стекне соодветен статус во кривичното право, особено во кривично правната постапка и да се вгради во системот на вешти наоди и мислења со степенот на валидност и веродостојност од областа што ја практикува. Тоа значи дека полиграфот е меродавен во своите одговори.

– Неоспорно е дека одговорот на поставеното прашање е потврден, односно како и секоја наука што се практикува преку утврдени валидизирани техники и методи така и полиграфската наука (како млада научна дисциплина со исклучително висок потенцијал и стравотно добри резултати во безбедносната област) е меродавна во својата област – информираат од министерството.
Оттаму велат дека МВР има неколку полиграфисти, од кои еден е обучен во тренинг-центарот „ASSES Ltd“ во Бугарија, кој функционира како дел од тренинг-центарот PEAK CATC – credibility assessment training center&quot, од Соединетите Американски Држави акредитиран од светската полиграфска асоцијација APA (American polygraph association) и AAPP (American association of Police Polygraphists).
Сепак, информираат дека законската покриеност на полиграфското тестирање во земјава и во светот е релативно слаба, па затоа во кривичните судови низ државата сѐ уште полиграфскиот извештај останува во една лимбо-ситуација, односно останува на поединечниот судија или судечки совет по принцип на слободно судиско убедување да одлучат дали полиграфскиот извештај ќе го прифатат како материјален доказ или на истиот тој ќе му дадат третман само како ориентационо-елиминациона метода/експертиза во текот на судската постапка.
– Во последниве години, интересот и довербата на судовите и јавните обвинителства во полиграфската експертиза бележи неоспорен раст, со цел проверка на вистинитоста на тврдењата на странки во постапката, како и за помош при расветлување кривични дела за кои се води предистражна и истражна постапка. По ова прашање, вредно е да се отвори и една поширока јавна дебата, со цел соодветна елаборација за тоа што претставува полиграфското тестирање и каде е неговото место во правниот поредок на државата.
Вредно е да се напомене дека, во последните години, во МВР се вложува во унапредување и осовременување на постапката на полиграфско тестирање, односно се вложува во специјализирани, континуирани и стручни обуки на кадарот, а во постапка е и набавка на нова најсовремена полиграфска апаратура – заклучуваат од Министерството за внатрешни работи.

[email protected]