Фото: Игор Бансколиев

Во текот на минатата 2020 година, на територијата на државата се евидентирани вкупно 987 пожари на објекти, при што 16 лица ги загубиле животите како жртви при пожари, додека, пак, шестмина добиле телесни повреди. Најголем број од пожарите се случиле на подрачјето на СВР-Скопје, 366, а најмалку на територијата на СВР-Куманово, 118 пожари

Секое лето пожарите предизвикуваат опасност, деновиве изгореа 20 хектари шума во Кочанско

Во текот на изминатата 2020 година, на територијата на целава држава биле евидентирани вкупно 987 пожари на објекти. Пожарите неочекувано можат да голтнат сѐ што некој создавал и печалел еден цел животен век и за кратко сѐ да претворат во пепел. Она што најмногу загрижува кога ќе се опожари нечиј дом или некој објект е што не е во прашање само материјалната штета, туку, за жал, пламените јазици понекогаш голтаат и човечки животи. Во изминатата пандемиска 2020 година, покрај тоа што коронавирусот одзеде многу човечки животи, на 16 лица животите им згаснале при пожари.
Пожарите во летниот период како да се позачестена појава, а од надлежните постојано се апелира да не се пали оган на отворено. Во средата голем шумски пожар имаше во подножјето на Осоговските Планини, на околу еден километар над Кочани, а огнот зафати борова шума на површина од околу 10 хектари. Помогнат од силниот ветер брзо се ширеше во правец на градот. На истата локација имаше пожар и пред една седмица, при што изгоре шума на површина, исто така, од 10 хектари. Во пожар што се случи во куќа во Скопје минатиот месец, повреди доби педесет и седумгодишен скопјанец при обид за гаснење на пламените јазици. Пред неколку дена, пожар избувна и во трафостаница во селото Карбинци, Штипско, а зафати стрниште, лозја, овошки, дел од шумски појас, викенд-куќа, систем за наводнување и гаража.
– Во текот на минатата 2020 година, на територијата на државата се евидентирани вкупно 987 пожари на објекти, при што 16 лица ги загубиле животите како жртви при пожари, додека, пак, шестмина добиле телесни повреди. Најголем број од пожарите се случиле на подрачјето на СВР-Скопје, 366, потоа на подрачјето на СВР-Битола, 150, па следуваат СВР-Тетово со евидентирани 131 пожар и СВР-Куманово со 118 пожари – информираат од Министерството за внатрешни работи.

Пожарникарите тврдат дека пожарите најчесто настануваат од електрична инсталација и тогаш пламените јазици многу брзо се шират. Затоа и треба да се внимава со каблите и штекерите, а опожарување се случувало и од струјомери. Во време кога поради пандемијата сѐ уште има граѓани што работат од дома, а и поради летните горештини се вклучуваат и разладни уреди и повеќе електрични апарати, треба да се внимава да не дојде до преоптоварување на електричната инсталација. Особено апелираат да не се купуваат нестандардизирани штекери и продолжителни кабли и слично, односно електрични материјали што при оптоварување брзо се топат, бидејќи се купени од неовластени производители и трговци. Често велат дека причина за пожар се и плинските уреди како што се шпорети на плин, кај кои не е во ред доводот на плин или има пукнато црево или, пак, има неисправна стега на плинската боца. Купувањето поевтино поради лошиот стандард на граѓаните може да чини прескапо ако избие пожар, односно чини и повредени и човечки животи. Уште многумина се сеќаваат на настанот во кој пред неколку месеци шест лица беа повредени од експлозија на плинска боца што се случи во викендичка во кумановското село Матејче, а минатата година од плинска боца во кумановско Романовце настрадаа три деца, а повеќе членови од едно семејство беа повредени.
Од скопската противпожарна бригада велат дека од минатогодишните пожари како најтежок го издвојуваат оној што се случи во Инспекторатот за животната средина, односно во старата зграда на Комерцијална банка кај Музичкото училиште. Велат дека бил тежок од повеќе аспекти, најмногу поради тешката пристапност на влезот, а од друга страна и поради многубројните преградни ѕидови, при чија изградба не се водело сметка за пристап при евентуален пожар.

Фактот дека пожарникарите морале да влегуваат таму кај што бил излезот на пожарот, дополнително им ја отежнувал работата, а проблем имале и со нефункционирањето на хидрантската мрежа.
– На тој пожар во зградата на Инспекторатот за животна средина пукаа и паѓаа стакла, кои ни ги кинеа цревата. При гаснењето на пожарот ни беа уништени 36 црева. Значи пристапноста за да интервенираме брзо и ефикасно е нешто што ни недостига не само во објектите туку и по скопските улици, на кои металните столпчиња нѐ оневозможуваат да влеземе секаде. Во една ситуација требаше да интервенираме на пожар зад Домот на градежните и, за среќа, имаме добра соработка со „Паркинзи на Општина Центар“, па брзо интервенираа и ги кренаа рампите од кои не можевме да влеземе. Во последно време учесниците во сообраќајот имаат респект за пожарникарската сирена. Морам да кажам има неколку црни точки во градот поради кои немаме пристап во случај на пожар и затоа сметам дека кога нешто се прави треба и нас некој нешто да нѐ праша. Како пример, една таква црна точка е основното училиште „Димитар Миладинов“, кое го посетуваат околу 700 ученици. Објектот е непристапен од сите страни, на главниот влез на тротоарот има столпчиња, а на задниот дел кај паркингот зад ДХО „Даре Џамбаз“ исто така нема од каде да влезе противпожарно возило – вели Влатко Симоновски, командант на противпожарната бригада од Скопје.
Пожарникарите исто така наведуваат дека проблем за брзо и ефикасно гаснење пожар во станбените згради им се нефункционалните хидранти или хидранти без црева, потоа блокираните приоди на катовите од стар мебел и бела техника, од велосипеди и слично. Паркираните автомобили, како на уличките пред индивидуалните куќи така и пред станбените згради, кои исто така ги оневозможуваат поблиску да пријдат до опожарените објекти. Од таму пожарникарите апелираат граѓаните секогаш да имаат на ум дека пристап за нив секогаш треба да има, за да можат најпрвин да ги спасат човечките животи, а потоа и сето материјално што може да се спаси.