Александар Василевски – Нинџа е контраверзен лик кој предизвика внимание во јавноста, но тој е човек, кој како никој пред него јавно зборувал за настаните од 27 април, истакна денеска адвокатот на обвинетиот Звонко Давидовиќ.

-Обвинителството му понуди заштита бидејќи исказот опфати моќни личности, но како и секогаш не се одржа до зборот. Тие што денеска не се во судница се испазарија со обвинителството бидејќи го кажаа она што само ЈО сакаше да го слушне – рече Давидовиќ.

Според бранителот Давидовиќ, обвинителството само со доказот дека Нинџа зборувал телефонски со брат му, кој во тој период му бил обезбедување на поранешниот премиер Никола Груевски и дека го има на снимки пред Дион, сакаат да го обвинат за тероризам. Адвокатот смета дека обвинението на ЈО е само претпоставки и дека за правдата потребни се докази. Додава дека сомнително е тоа што обвинителството селективно ги покажува доказите.

Во завршните зборови, адвокатот Давидовиќ рече дека обвинетите, па и неговиот клиент, се жртви на УБК кои го смислиле целиот настан. Тој вели дека можно е Управата да ги формирала и патриотските здруженија со цел да ги употреби за настаните во Собранието.

-УБК ги злоупотребил овие луѓе како заморчиња, а Нинџа имал задача да известува за случувањата. Барајте одговорност кај Владимир Атанасовски, Никола Бошковски -истакна Давидовиќ.

Во Кривичен попладнево продолжува рочиштето со завршните зборови на обвинетите.