Поранешниот македонски премиер Никола Груевски стана бизнисмен речиси три години по бегството од Македонија, откако регистрирал фирма со широка деловна активност во гратчето Пецел во близина на Будимпешта открива редакцијата на „Дојче веле“ на македонски јазик. Оваа информација ја објави и унгарскиот портал „24“.

Новата фирма на Груевски од 14 јули годинава се наоѓа во куќа на улицата „Бошкаи“ број 9. Станува збор за друштво со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (И.Ц.И.Ц.).  Груевски побарал и добил одобрение да почне бизнис со фирма чие седиште е во Пецел на горенаведената адреса, според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми. „Дојче веле“ објави дека фирмата на Груевски планира широки бизнис-активности во најмалку 10 различни сектори, според увидот во документите.

Од увидот во документите до кои дошло „Дојче веле“, се наведува дека компанијата на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори. Регистрацијата на фирмата го чинела поранешниот македонски премиер 8.350 евра.

Груевски при регистрацијата на фирмата ја навел адресата на својот адвокат во Будимпешта, а како втора адреса ја навел онаа во Скопје, на улицата Павел Шатев број 3 во Кисела Вода, според извори на германскиот медиумски сервис.