Фото: МИА

Обвинителството бара поранешниот премиер Никола Груевски, заедно со неговиот кум Ристо Новачевски, поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ, да одговараат за случајот „Плацови на Водно“ и поднесе обвинителен акт.

Според Обвинителството, плацовите на Водно кај Шестата управа се платени 1,3 милион евра, пари од донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо да ги внесе во партиската каса, Груевски ги инвестирал во земјиштето на Водно. Сите се гонат за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, а Мијалков за помагање при извршување на кривичното дело.

– На обвинетиот Н.Г. му се става на товар дека сторил кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело и кривично дело противправно стекнување и прикривање имот. Обвинетите Р.Н., Н.Ј., Ј.К. и Р.К.К. се товарат дека сториле кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, додека С.М. е обвинет за помагање при кривично дело перење пари – се наведува во соопштението од обвинителството.

Според обивнението, во периодот од месец јуни 2006 година до октомври 2012 година во Скопје, првообвинетиот Н.Г. противправно присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени во врска со неговата работа и притоа присвоил износ од најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140 денари. Тој, во овој период како одговорно лице, претседател на политичка партија, дел од паричните средства што биле давани како донации за финансирање на политичката партија не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе.

Од месец октомври 2012 година до месец септември 2013 година Н.Г. парите ги пуштил во оптек, за што со умисла му помогнал обвинетиот С.М.

Така, откако обвинетиот Н.Г. во средината на 2012 година дознал дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри лоцирано на Водно побарал од обвинетиот С.М. да му помогне истото да го купи при што ќе го прикрие изворот на парите и дека тој е сопственик на земјиштето.

Обвинетиот С.М. стапил во контакт со обвинетиот Н.Ј. кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашно правно лице кое ќе биде употребено за купување на земјиштето.

Иако знаел дека неговото правно лице ќе се користи за прикривање на вистинскиот сопственик на купувачот на земјиштето, обвинетиот Н.Ј. во договор со обвинетиот С.М. основал правно лице во Скопје, на кое обвинетиот Р.Н. станал управител.

Откако била постигната согласност за купопродажната цена, обвинетиот Н.Г. во повеќе наврати на девизната сметка на правното лице во Скопје, преку сметката на правното лице од Белизе пуштил во оптек парични средства прибавени со кривично дело.

Обвинетиот Р.Н. ги примил паричните средства и во својство на управител на правното лице со сопствениците на земјиштето потпишал договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри, по што извршил плаќање кон продавачите во износ од 1.299.215 евра, а дел од останатите приливи ги употребил за плаќање на данок на промет на недвижности.

Во периодот од јуни до октомври 2015 година обвинетиот Н.Г. купениот имот чии парцели со промените на ГУП на град Скопје 2012-2022 година, биле пренаменети во градежни парцели и уделот на правното лице од Белизе во правното лице во Скопје, го пренел на обвинетите Ј.К. и Р.К.К. Обвинетиот Ј.К. како управител на правно лице и обвинетата Р.К.К. како краен сопственик на истото правно лице иако знаеле дека имотот е прибавен со кривично дело, истиот го примиле во сопственост на нивното правно лице и донеле одлука преземеното правно лице да се преименува и сопственоста да се пренесе на правните лица каде обвинетиот Ј.К. е управител, а обвинетата Р.К.К. сопственик. Потоа по претходно донесена одлука за физичка делба парцелите биле поделени на три нови парцели од кои едната била продадена на заинтересирано правно лице.

Уделите во преименуваното правно лице и останатите две парцели фиктивно биле пренесени на трето лице без да биде платен уделот и со договор во кој бил определен рок за исплата на купопродажната цена со клаузула дека ако рокот не биде испочитуван, договорите се ништовни со што ја прикриле локацијата на имотот и неговата сопственост.

Воедно, обвинетиот Н.Г. како службено лице спротивно на законската должност, со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи во Анкетен лист што го доставил по престанок на функцијата до Антикорупциската комисија, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Р.Н. Па така, во графата „недвижен имот“ не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 м2 и 57 м2, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 м2 и две градежни парцели во Крушево во вредност од 795.424 денари.

Надлежниот обвинител со Обвинителниот акт на судот му предложи предметниот недвижен имот трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите од 57 м2 во вредност од 60.000 евра и 38 м2 во вредност од 41.000 евра, градежното земјиште со површина од 2.729 м2, евидентирано во имотен лист за КО Центар 2 во вредност од 7.365.600 денари и двете градежни парцели за КО Норово – Крушево во вредност од 795.424 денари.

Обвинителот ценејќи дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка бара продолжување на притворот за бизнисменот Орце Камчев, притвор за експремиерот Никола Груевски по неговото пронаоѓање, еднаш неделно да се пријавува во суд и одземање на македонскиот и бугарскиот пасош за Ратка Камчева, мајка на Орце Камчев. Да се јавува еднаш неделно во судот, се бара и за Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе.

Обвинителството смета дека постојат основи за определување на притворите. Според посочениот член од Законот за кривична постапка, обвнителот се сомнева дека постои опасност осомничените лица да се скријат, но и околности кои укажиуваат дека тие можат да се дадат во бегство.