Поранешниот премиер Никола Груевски преку Фејсбук го обвини сегашниот премиер Зоран Заев дека продолжува со политичкиот прогон и терор врз неистомисленици. Ова уследи по денешното обвиниение за плацовите на Водно.

Груевски тврди дека додека Владата делела пасоши на најпознати светски наркодилери, институциите под раководство на Заев вршеле притисок врз луѓе кои ги познавал, да станат лажни сведоци за фабрикувани процеси против него, во кои, како што наведува, тој со партиски пари бил сопственик на земјишта и станови, кои сега се откриени и конфискувани.

– Тој не се двоуми и самиот да праќа пораки до некои од жртвите дека ќе им пружи милост доколку лажно посведочат против мене. Не му е проблем репресиите да одат и до тој степен да некој со денови затворен, да биде лишен и од вода за пиење, ако веќе нема друг начин како делува. Праќањето на сите инспекции во фирми на бизнисмени со задача да им се изврши притисок да станат лажни сведоци е секогаш првата алатка од која почнува па потоа ако тоа е неуспешно оди понатаму кон други тортури. Откако изврши притисок на судот и обвинителството во првите година и половина на неговиот мандат, да биде ослободен од обвинението за барање мито од струмички бизнисмен, кое со докази и видео снимки беше поткрепено пред судот, а за чие снимање претходно судот издал наредба, по претходна пријава од жртвата кој беше бизнисмен од Струмица, тој потоа се посвети на правење се што е во негова моќ, вклучувајќи и притворање и тортура со некои луѓе кои наумиле да им бидат сведоци, да ме прогонува мене и други личности во фабрикувани случаи со уценети сведоци да докажува нешто што го наумил а што е невистина – наведува меѓудругото Груевски.

Се што во овие години прави Зоран Заев еден ден ќе се разобличи и ќе излезе на површина а тој ќе одговара за тоа, предупредува Груевски, додавајќи дека целата негова криминална шема и валкани методи ќе бидат откриени и казнети.