Група на граѓани протестираа против пресудата за случајот „Алмир“, пред Собранието, додека високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија Федерика Могерини им се обраќаше на пратениците.

Демонстрантите порачаа дека правдата во Македонија е мртва, поставувајќи го прашањето „Дали знаете кој е Алмир“. Повод за протестот претставува незадоволството од судскиот процес за смртта на Алмир Алиу, во кој првичното обвинение за „убиство со умисла“ беше променето во „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Основниот суд во Куманово првообвинетиот Бобан Илиќ го прогласи за виновен  за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и имотот и му одреди казна затвор од шест години.  Судот за виновен го прогласи и второбвинетиот Седат Алиу, таткото на  Алмир, определувајќи му казна затвор од шест месеци. По девет месеци затвор, за сторено кривично дело насилство, добија трето и четвртообвинетите Сами Демири и Абдула Алиу.