По денешната главна расправа, струмичкиот суд ги изрече пресудите за градоначалникот на Ново село – Боро Стојчев и останатите лица кои на 10 јули беа фатени на локалитетот Попова чука како пренесуваат цигари. Како што информираа од судот, градоначалникот Стојчев е осуден на казна затвор од година и шест месеци додека неговиот син и внук добија казна затвор од еден година. Заради здравствени причини сопругата на градоначалникот доби условна казна, а лицето кое требало да го набљудува теренот од полиција, доби осумесечна казна затвор.

Основното јавно обвинителство пред денешната расправа го измени обвинението и на осомничените не им се судеше за занимавање со криумчарење туку за кривично дело обид за пренесување непријавена стока.

Сите обвинети го признале кривичното дело заради што имаат право на жалба до апелација во Штип единствено за висината на казните. Според пресудата се укинува и мерката притвор за што обвинтиелството има право на жалба.

Градоначалникот на Ново село со неговите најблиски беше фатен два километри пред македонско – бугарската граница како во две теренски возила превезуваат 33 илјади кутии цигари од марката Калипсо во висина од милион и 200 илјади денари.