Битолското основно јавно обвинителство ќе поведе истражна постапка против 22-годишен битолчанец, за кого постои сомнение дека извршил кривично дело разбојничка кражба.

Осомничениот на 20 јули годинава, околу 13.30 часот во Битола, на улица пресретнал жена со тешка здравствена состојба, па ја отпратил до нејзиниот дом.

Откако нејзиниот сопруг го поканил осомничениот да влезе во домот и да го почести кафе за услугата, младиот разбојник забележал паричник под перницата на креветот и го одзел.

Домаќинот го забележал осомничениот во кражбата и побарал да му го врати паричникот во кој имало 12.000 денари и лични документи. Во тој момент, осомничениот со употреба на сила, со рака го удрил оштетениот во пределот на главата, го соборил на подот и продолжил да го удира уште неколкупати, со што му нанел повреди.

По предлог на надлежниот обвинител, Основниот суд во Битола на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.