Гори нискостеблеста борова шума во близина на месноста „Паркачо” меѓу селата Смојмирово и Чифлик.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Берово, Зоран Ајтовски, изјави дека повеќечлена нивна екипа е на терен, а во акцијата на гаснење се вклучени и мештаните, како и вработени во шумската полиција.

– По дојавата наша екипа веднаш се упати на местото кое беше посочено, при што видлив беше огнот кој зафати огромна површина со ниско стеблеста борова шума. Присуството на ветар ја отежнува работата на пожарникарите кои со поддршка на локалното население и екипи на шумската полиција и шумско стопанство активно се вклучени во гаснењето на пожарот, информира Ајтовски.

Додаде дека нема информации која би можела да биде причината за пожарот, а не е исклучена можноста да е подметнат.

Бидејки ова е период кога во голема мера се палат стрништата, од ТППЕ Берово апелираат граѓаните да не ги палат стрништата токму поради опасноста ваквите појави да бидат иницијална каписла за создавање на поголеми огнени стихии.