Фото: Игор Бансколиев

Не секое куче може да биде „вработено“ во полиција ниту, пак, може да одговори на работните задачи, кои вклучуваат потера, откривање криминалци, заплена на дрога и слично. Неколку раси кучиња се издвојуваат кога станува збор нивниот ангажман особено на патни гранични премини и на аеродроми

Кучињата – верни соработници на полицијата и на армијата

Ангажирањето кучиња во полициските сили не е новина како што може да се помисли. Нивното користење датира уште од 1800 година, кога всушност и се откриени нивните способности да одговорат на зададени задачи и да фаќаат криминалци.
Сепак, не секое куче може да биде „вработено“ во полиција, ниту, пак, може да одговори на работните задачи, кои вклучуваат потера, гонење и откривање криминалци, откривање скриена дрога и слично. Неколку раси кучиња особено се издвојуваат кога станува збор за нивниот ангажман во полицијата.
Така на пример на граничните премини на аеродромите најчесто може да се забележат кучиња од расата бигл. Поради фактот што се мали и брзи, тие за краток временски период ги прегледуваат стотиците торби што ги носат патниците. Доколку намирисаат нешто невообичаено, веднаш ѝ даваат знак на полицијата, која понатаму врши претрес на сомнителното лице.

Тука не станува збор само за дрога, туку и за пренесување нелегални растенија и храна. Нив ги има и на патни гранични премини каде што има голема фреквенција на патници.
Најдобрите раси за потера и сеење страв се белгиските овчари, питбулот и доберманот. Иако имаат различен изглед, овие раси на кучиња се кошмар за криминалците. Белгискиот овчар е многу професионален и лојален пес. Токму затоа и се користи во потери, затоа што нема да застане додека не го фатат гонетиот. Доберманите се застрашувачки.

Грандиозната и мускулеста појава на доберманот е доволната причина за нивниот ангажман во полицијата. Кога тие ќе дојдат до криминалецот, тој не може да се ослободи. Неговата рака ќе биде во вилицата на доберманот, сѐ додека не добие поинаква наредба. Многу криминалци се обиделе да ги измамат овие кучиња со храна, меѓутоа тоа не им успеало.
Уште една раса што е одлична за потера е питбулот. Полицијата најчесто го користи во полициски патроли и за сеење страв, бидејќи овие мали кучиња воопшто не се за потценување. Иако по анатомската структура е значително помал од белгискиот овчар и доберманот, питбулот својата горделива лојалност ја покажува со истрајност и успешно заробување на криминалците.
Кога станува збор за потрага по исчезнати лица, на полицијата најчесто ѝ помагаат кучиња од расата бладхаунд. Оваа раса има беспрекорно чувство за мирис, има неверојатни 230 милиони клетки чувствителни на мириси.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со таквото извонредно сетило не само што може да го запамети мирисот туку може да ја следи трагата на исчезнато лице повеќе од две недели од неговото исчезнување.
Лабрадор ретривер е расата експерт за откривање лаборатории за производство на дрога. Имаат одлично сетило за мирис и добра интуиција, со што на полицијата успешно ѝ помагаат да ги улови производителите на наркотици.
В денешницата сѐ почесто има закани од поставени бомби. За откривање на добро скриените бомби и други експлозивни направи не постои подобра раса од ротфајлерите. Кога ќе добијат наредба да ја најдат скриената бомба, тие брзо и фокусирано го вршат тоа и не дозволуваат ништо да им се испречи на патот. Поради нивната способност да пронаоѓаат бомби, ротфајлерите спасиле голем број животи, не само на полицајци туку и на цивили.

Една од најпознатите раси што се вработени како соработници на полицијата и функционираат рамо до рамо со полицајците се германските овчари. Со работен век во полициските и воените сили повеќе од 100 години, оваа раса кучиња е на врвот на листата полициски кучиња. За нивната работа во полицијата има снимено голем број филмови и телевизиски серии, а тоа не е направено тукутака. Германските овчари се силни и темпераментни кучиња, а со тоа и одлични за работа во полиција. Смирени се во стресни ситуации, високоинтелигентни, одлично истренирани и сакаат да работат. Токму затоа, доста често може да се забележат на јавни настани, на аеродроми и гранични премини, па и во потрага по експлозиви и дрога.
Секогаш ги следат своите дресери, сакаат да имаат работа и да ја завршат. Нема да прекинат да работат сѐ додека не го слушнат тоа од дресерот. Благодарение на нивната висока интелигенција, германските овчари работат најчесто на комплексни задачи. Оваа раса секогаш прва реагира кога криминалците стануваат агресивни. Тие се однесуваат заштитнички кон своите дресери и не дозволуваат ништо лошо да им се случи. Токму поради овие карактеристики, германските овчари се една од најчестите вработени раси.