Основното јавно обвинителство во Велес до Основен суд Велес поднесе обвинение против гевгеличанец на возраст од 40 години поради „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи и разбојништво“.

Обвинетиот кај себе неовластено држел ловечка пушка и 8 ловечки куршуми. Од обвинителството велат дека на 9 јануари околу 2.40 часот од електронското казино во Гевгелија, заканувајќи се со пушката, одзел пари во вкупен износ од 150 илјади денари.

-Обвинетиот маскиран во пределот на лицето, преку задниот спореден влез влегол во казиното и се упатил кон просторот каде што се наоѓа касата. Потоа ја вперил пушката кон касиерот кој бил на работно место давајќи му знак со пушката да се оддалечи од касата. Касиерот исплашен по својот живот од ваквата закана, ја послушал наредбата дадена од обвинетиот и го напуштил просторот кај касата. Тогаш обвинетиот ги одзел парите кои се наоѓале внатре во вкупен износ од 150 илјади денари во различни апоени и го напуштил казиното, велат од обвинителството.

Тој претходно извршил и разбојништво во Грција, за што бил осуден на ефективна казна затвор и избегал од државата за да го избегне издржувањето на изречената казна, а во повеќе наврати бил осудуван за кривични дела против имотот и против животот и телото на луѓето.

Основното јавно обвинителство Гевгелија ценеше дека постои опасност обвинетиот да се даде во бегство или да продолжи со вршење вакви кривични дела, па поради тоа до Основен суд Велес со поднесениот обвинителен акт достави и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.