Врховниот суд го прифати барањето на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за одлагање на извршувањето на казната во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот „мерцeдес“.

– Врховниот суд до Основниот кривичен суд – Скопје достави решение со кое барањето на Г.Ј. осудена со пресуда на Основниот кривичен суд – Скопје со КОК бр. 21/18 и пресуда на Апелациониот суд – Скопје со КОКЖ бр. 46/18, од обвинителството означена како „Тенк“, за одлагање на извршувањето на казната – се уважува – се наведува во соопштението на Основен кривичен суд.

Во овој случај, ексминистерката беше прогласена за виновна за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и осудена на казна затвор во траење од четири години.

Во соопштението се додава дека извршувањето на казната се одлага се до одлучување по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда од страна на Врховниот суд.