Архива / Фото: Игор Бансколиев

Државниот инспекторат за транспорт наишол на затворени врати во „Беса транс“ при обидот да го испита работењето на фирмата, вели Руфат Хусеини, директор на инспекторатот.

Неколку дена по трагедијата на автопатот во Бугарија, Државниот инспекторат за транспорт се уште не успеал да  влезе во просториите на „Беса транс“, ниту пак да оствари телефонски контакт со вработените.

-Вчера се упативме во просториите на „Беса транс“, во седиштето, но беа затворени, никој не се јавуваше на службените телефони. Оттаму се упативме во седиштата на двете агенции што ги имаат во Скопје, кои исто така беа затворени и немаше никој. Во Тетово знаеме дека има една агенција, но нашиот инспектор оттаму не информираше дека и таа е затворена. Не можевме да извршиме вонреден инспекциски надзор – изјави директорот Хусеини за МИА.

Државниот инспекторат за транспорт ќе испрати допис до „Беса транс“ , затоа што инспекторите не можат да стапат во контакт со вработените.