Во кривичниот суд во Скопје утрово почна судењето против четворица вработени во УБК за злоупотреби со специјалната каса.

– Обвинетите ги уништиле евиденциите за потрошени парични средства односно главните книги, без посебно одобрение од директорот, без формирање комисија за ништење и без записници – рече обвинителката Ивана Трајчева во воведниот говор.

Обвинетиот Петре Пешовски како ексглавен оперативен работник во УБК призна вина. За него, како што рече судијата Владимир Туфегџиќ, постапката се раздвои и го поучи за имотно-правното побарување во предметот.

Покрај Пешовски, обвинети се уште тројца поранешни вработени во УБК, Тони Јакимовски, Стево Маџовски и Кристина Јосифовска. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за злоупотребени пари од над 820 илјади евра.

Обвинетиот Тони Јакимовски рече дека не се пронаоѓа во обвинението. Неговиот поранешен колега, обвинетиот Стево Маџовски, рече дека го разбрал обвинението и кажа дека не е виновен, а истото го кажа и обвинетата Кристина Јосифовска.

Во временскиот период од 2007 до 2017 година, во 172 наврати за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од одделот за финансии при Министерството за внатрешни работи подигнале парични средства за кои поднесувале барања и признаници за износите.

Без да имаат посебно одобрение од директорот на Управата, без да биде формирана комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата. Со ваквите дејствија го оштетиле државниот буџет.