Судот ја исклучи јавноста од судењето за „Трезор“ односно набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) поради сослушување на сведок, вработен во УБК и опасност од оддавање на службена тајна.

Судијката Џенета Бектовиќ рече дека Советот го прифаќа предлогот на СЈО и се исклучува јавноста од јавната расправа при испитување на сведокот, со оглед дека е вработена во УБК и постои опасност да дојде до издавање на државна тајна.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште треба да се сослушаат двајца сведоци, вработени во УБК.

Пред почетокот на сослушувањето на првиот сведок, СЈО побара исклучување на јавноста.

– Со оглед на околноста во која институција работи, а со оглед и на прашањата кои ќе се однесуваат на работата, постои можност од оддавање на службена тајна. Бараме јавноста да биде исклучена од сослушување на сведокот, рече јавниот обвинител Ајро, од СЈО.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.