Поднесено е обвинение за 36 лица од кои осум вработени во МВР за злоупотреба на нивната службена положба и фалсификување службена исправа.

– Пријавените службени лица вработени во Одделението за управни работи Скопје искористувајќи ја својата службена положба и овластување на 28 граѓани, спротивно на законските прописи, без да имаат положено возачки испит и без потребната документација, извршиле електронско креирање на документација со внесување лажни податоци, истата ја одобриле за изработка, по што им биле издадени возачки дозволи за управување на моторни возила – велат од МВР.

Еден од осомничените, во чиј дом е извршен претрес по наредба на судија во претходна постапка, е приведен во полициска станица.

– Обезбедените материјални докази ќе бидат предадени на јавен обвинител за понатамошна постапка. Осомничените службени лица се суспендирани од работните места и против нив ќе бидат поведени дисциплински постапки – велат од МВР.