Двајца полициски службеници од Полициската станица Чаир попладнево се повредени во населбата Шуто Оризари, потврди Министерството за внатрешни работи, пренесе МИА.

Инцидентот се случил кога полицајците со уште едно лице пристигнале на улицата „Индира Ганди“ во Шуто Оризари, по што биле нападнати од група граѓани, откако претходно малолетничка наводно видела како непознати лица насилно внеле женско лице во комбе. Таа тоа му го кажала на возрасен маж, кој пријавил во полиција.

– Денеска 28.01.2019 околу 17.20 часот на ул. Индира Ганди во Шуто Оризари малолетничка наводно видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе, но не знаела за кого станува збор. Таа тоа му го кажала на возрасен маж, кој пријавил во полиција. Се собрала поголема група граѓани и во тој момент наишло возило во кое имало три лица, од кои двајца полициски службеници од ПС Чаир, кои не биле на работа. Насобраните ги нападнале лицата кои биле во возилото и тие се пренесени во болница за укажување на лекарска помош, информираат од МВР.

До овој момент нема пријава за исчезната девојка од ниту едно семејство. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.