Пијан возач вчера во Штип удрил во тезга по што дошло до тепачка меѓу предизвикувачот на соообраќајката и двајцата негови сопатници со тезгаџијата и негови двајца роднини.

Како што соопшти МВР, сообраќајката била пријавена вчера во 19 часот, а се случила на крстосницата од улиците „Мирче Ацев“ и „Вита Поп Јорданова“ кога 26-годишниот возач под дејство на алкохол најпрвин удрил во тезга за продажба на производи, а потоа и во две паркирани возила по што дошло до нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем.

– Имено дошло до тепачка помеѓу предизвикувачот на сообраќајната незгода и двајцата сопатници од неговото возило од една и сопственикот на тезгата и негови двајца роднини од друга страна кои во меѓувреме пристигнале на негов повик. Околу 19.10 часот заради  воспоставување на јавниот ред и мир и контрола над учесниците во тепачката кои се оглушувале на дадените усни наредби да престанат со дејствијата, од страна на полициски службеник од службениот пиштол бил испукан еден предупредувачки истрел во воздух, наведуваат од МВР.