На денешното продолжение на судското рочиште за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан, одбраната го испрашуваше вештакот за материјалното и книговодствено работење на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, во врска со изготвувањето на тендерската документација.

Вештакот Павлина Стојанова е предложена од страна на одбраната.

Во овој предмет на СЈО покрај Кочан, осомничени се уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.