Туристички автобус на една српска компанија, кој пренесувал руски туристи, бил каменуван и ограбен во Скопје, пишуваат медиумите во регионот.

Според изјава на менаџерот за сообраќај на таа компанија, руските државјани биле на патување во земјите од регионот, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија.

Автобусот бил паркиран во центарот на градот, а туристите и возачот заминале на спиење. Меѓутоа се случил инцидент откако непознати сторители го оштетиле возилото и го искршиле стаклото. Од автобусот биле украдени лични работи на патниците и возачот.

Полицијата извршила увид. На искршениот прозор биле најдени траги од крв, пренесуваат медиумите.

Поради штетите, туристите не можеле да го продолжат патот со возилото, па по нив дошол друг автобус.

Сè уште не е утврдена причината за ваквиот вандалски чин. Полицијата во Северна Македонија работи на расветлување на случајот, пишуваат регионалните медиуми.