И пред неколку дена имаше случај на опожарување возило во скопскиот регион, а статистиката за 2017 година е дури 48 случаи на опожарени возила

Со намера или случајно, не запира трендот на опожарување возила, било да се паркирани на паркиралишта, пред нечиј дом или на друго место, и тоа како во Скопје, така и во другите градови во Македонија. Само во главниот град во првиве три месеци од оваа година полицијата евидентирала 20 случаи на намерно запалени возила. И пред неколку дена имаше случај на опожарување камион во скопскиот регион. Минатата година, пак, намерно биле опожарени дури 48 возила. Некои од нив веќе се расветлени.

Од МВР информираат дека во полициската станица „Гази Баба“ било пријавено дека на локалниот пат од селото ’Ржаничино кон селото Таор бил забележан опожарен камион. Службите велат дека од разговорот со сопственикот на возилото е утврдено дека претходниот ден тој го оставил истиот камион на плац на фирма од селото ’Ржаничино и од непознати причини во него избувнал пожар, во кој целосно се изгорени внатрешноста на кабината и гумите.

Ова е само еден од повеќето случаи што се пријавени оваа година до Министерството за внатрешни работи за опожарени возила. Според информациите од МВР, само во текот на јануари, февруари и март годинава се регистрирани вкупно 20 случаи и сите возила се запалени со намера. Најголемиот дел, дури 14, од овие случаи е на територијата на СВР-Скопје, а пријавени се и два на подрачјето на СВР-Битола и по еден во СВР-Велес, СВР-Куманово, СВР-Струмица и СВР-Штип. Од Министерството за внатрешни работи велат дека по преземените мерки се расветлени три случаи на намерно запалени возила, за што се пријавени пет строители за сторено по едно кривично дело „предизвикување општа опасност“, „оштетување туѓи предмети“ и „насилство“. Според познавачите, колкава ќе биде казната за подметнување пожар се одредува од обвинението и предизвиканата штета.

Евиденцијата на МВР покажува дека минатата година, односно во 2017-та во Македонија биле регистрирани 48 случаи на намерно запалени возила, од кои 47 се извршени од непознат сторител, а притоа биле опожарени 56 моторни возила. Од МВР тврдат дека 23 отсто од случаите се расветлени. Најголем дел од овие опожарени возила е на подрачјето на СВР-Скопје (39), потоа три случаи на подрачјето на СВР-Куманово, по два имало на подрачјето на СВР-Охрид и СВР-Битола и по еден случај во СВР-Струмица и СВР-Тетово.