Фото: Игор Бансколиев

Јавноста веќе на големо шпекулира дека е доста симптоматично што Агим Красниќи, кој лежеше затвор за нерегуларности и за предизвикување неправилности на избори, неовластено поседување оружје и злосторничко здружување, токму сега избега од затворот, пред одржувањето на предвремените парламентарни избори

Деновиве му се изгуби трагата на најбараниот затвореник, Агим Красниќи, кој, наместо да се врати во затворот во Штип од слободен викенд, каде што ја одлежуваше затворската казна, мистериозно исчезна. Министерството за внатрешни работи издаде и меѓународна потерница, а во меѓувреме властите работат на негово пронаоѓање и спроведување во затворот, каде што треба да одлежи уште околу три години.
Според директорот на штипскиот затвор Мики Тодоров, Красниќи уредно ја издржувал затворската казна. Редовно бил пуштан на викенди и на одмор и секогаш навреме се враќал на одлежување на казната.

Јавноста веќе на големо шпекулира дека е доста симптоматично тоа што Красниќи, кој лежи затвор за нерегуларности и за предизвикување неправилности при избори, неовластено поседување оружје и злосторничко здружување, токму сега избега од затворот, пред одржувањето на предвремените парламентарни избори. Како што се зборува, Красниќи е поддржувач на партијата на Мендух Тачи, ДПА, а токму Тачи во декември истакна дека неговата партија е поблиску до коалиција со СДСМ отколку со другите албански партии.

Красниќи ја бранува јавноста уште од воениот конфликт во 2001 година. Оттогаш редовно ги полни насловите во медиумите. Тој беше еден од командантите во Ослободителна народна армија, кога предводеше војска од стотина војници.
Неколку години подоцна, непосредно пред референдумот за територијална поделба, кој се одржа на 7 ноември 2004 година, медиумите јавуваа дека на Скопска Црна Гора се појавуваат вооружени униформирани групи на АНА, особено во делот на скопско Кондово и Рашче, а јавноста дозна за тоа кога групите почнаа медиумски да се експонираат, односно во јавноста почнаа да се објавуваат видеа од нивните активности и видеа од користење разни оружја.

Водач на оваа група беше токму Красниќи, кој околу шест месеци го држеше Кондово под опсада, заедно со неговата група, подоцна позната на јавноста како Кондовска група. Тој со неговата група не го прифаќаа Охридскиот рамковен договор, како ниту партијата што произлезе од целиот тој конфликт, денес позната во јавноста како Демократска унија за интеграција, чиј лидер е Али Ахмети. За време на опсадата на Кондово, Красниќи направи тврдина во која полицијата немаше пристап. Тој се закануваше дека доколку полицијата спроведе акција за ослободување на Кондово, ќе го гранатира Скопје. Тогаш изјави дека политичарите сакаат да ги користат жителите на Кондово за политички цели и за манипулација на целата јавност и истакна дека воопшто не се чувствува како криминалец.

Неговата криминална дејност продолжува во 2008 година, кога се случија најкрвавите први предвремени парламентарни избори во Македонија, кога повеќемина беа ранети, а едно лице го загуби животот. Тогаш Красниќи беше уапсен заедно со неговата седумчлена група за предизвикување изборни нерегуларности за време на овие парламентарни избори.

Конечно е изведен пред лицето на правдата и беше почнат судски процес во кој, освен на кондовецот, им се суди уште на неколкумина од неговата група. Освен за изборни нерегуларности, на Красниќи му се судеше и за подготвување тероризам и за тероризам. Во обвинението беше наведено дека Красниќи и другите се подготвувале да извршат кривично дело тероризам, со намера сериозно да ја загрозат безбедноста на Република Македонија. Со акт на насилство, тие во месноста Борови, над Кондово, ископале фортификациски објекти. Биле вооружени и облечени во воени униформи, а демонстрирале и пукање од оружјето.

Красниќи доби затворска казна од 15 години. Во 2014 година, тој склучува брак токму во затворот во Штип, со десет години помлада избраничка од Косово. Првиот слободен викенд од затворот го доби во 2017 година, кога за неговиот пречек беа излезени жителите на Кондово и со овации го дочекаа, како што извикуваа, нивниот командант. Тогаш, со пароли на возила пишуваше „Добре дојде, команданте“, се пееја патриотски песни, а многумина од жителите го застануваа Красниќи, го отпоздравуваа и гушкаа. Оттогаш, Красниќи почна редовно да добива слободни викенди за да може да замине дома.

Ова не му е прво бегство на Красниќи. По слободен викенд, тој во септември 2017 година, исто така не се вратил во затворот по доделеното отсуство. По некое време беше пронајден и повторно спроведен во затворот на издржување на затворската казна.