Фото: Илустрација

Царинската управа поднесе кривична пријава против две правни лица со седишта во Тетово и Гевгелија и против три одговорни лица како правни субјекти, за недозволено тргување со меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра.

– Станува збор за увезен необработен тутун, со вкупна количина од 146.278 килограми нето, пуштен во промет на незаконит начин, без притоа да се плати акциза во вкупен износ од 281.585.150 денари и камати за ненавремено плаќање од 12.505.380,66 денари или вкупно 294.090.531 денар, односно повеќе од 4,7 милиони евра – објаснуваат од Царина.

Појаснуваат дека се работи за десет увози на тутун во лист од типот „Вирџинија“ кое правното лице од Гевгелија го пуштило во промет на незаконски начин без да плати акциза и тоа од декември 2017 и во текот на цела 2018 година година.

– Спроведената акција од страна на царинската управа и државниот пазарен инспекторат, е уште еден показател, дека нема компромис кога станува збор за прекршување на законите и оштетување на буџетот на коруптивен и криминален начин, во случајов недозволена трговија со тутун – додаваат од царинската управа.

– Избегнувањето на плаќање на давачки како што е неплаќањето акциза, е еден од ризичните фактори за корупција при увозот и извозот на стоки, кои сериозно го оштетуваат буџетот. Ги охрабрувам Царинската управа, Државиот пазарен инспекторат и другите надлежни институции да продолжат со координираните и интензивни акции за сузбивање на нелегалната продажба на тутун и тутунски производи. Нема да дозволиме никој да профитира на грбот на граѓаните, тутунопроизводителите, и на компаниите кои чесно, законски работат и ги плаќаат давачките кон државата – истакна вицепремиерот Љупчо Николовски.

Според последните информации од надлежните служби, на зелените пазари се запленети 284,5 килограми режан тутун наменет за нелегална продажба и 413 кутии по 200 парчиња или вкупно 82.600 парчиња филтри за полнење на цигари. Од страна на државниот пазарен инспекторат изречени се 11 платни налози за нерегистрирана дејност.