Работните места во Македонија и натаму носат жртви. Само минатата година на своето работно место загинале 24 лица. Мора да се покрене свеста за безбедност и заштита при работа, но и да се унапреди колективното договарање во овој сегмент, беше речено пред денешната конференција во ССМ по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, 28 Април.

Најризични, се уште, се работните места во земјоделството, особено индивидуалните производители, а потоа градежниците и вработените во црната металургија.

– Подобро е да разговараме за безбедноста и здравјето, отколку да ги броиме загинатите на работните места. Работните услови мора да се човечки, а работните места прилагодени на луѓето, изјави претседателот на Македонското здружение за безбедност и здравје при работа Милан Петковски.

Според директорот на Инспекторатот за труд Аљајдин Хавзиу, просекот на смртни случаи на работното место е 10 до 17 годишно, а на повредени околу 400.

– Трудовиот инспекторат во текот на годината врши најмалку 30.000 надзори, истакна Хавзиу.