На територијата на Македонија се активни три пожари, и тоа кај селото Раовиќ и селото Буковиќ кај Сарај, помеѓу селата Барово и Вешје во општина Демир Капија и во селото Горно Мелничани во Дебар, известуваат од Центарот за управување со кризи на денешната претпладневна прес-конференција.

Вчера во попладневните часови на пожарот кај с.Раовиќ, општина Сарај, дојде до негово разгорување, каде во еден момент се гледаа десет жаришта на линија од 2 км и едно одделно жариште на 5-6 км од останатите жаришта. Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје е сѐ уште активен и проширен кон висорамнината Витачево, кон с.Страгово во општина Кавадарци.

– Пожарот се шири на повеќе краци, а во текот на ноќта интензитетот беше најјак во реонот на селото Барово, село Бесвица и во правец на село Вешје. Денеска од раните утрински часови, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, директно на терен координираше со активностите за гаснење на овој пожар, каде што огнен крак е проширен и кон висорамнината Витачево. Директно од терен се одлучува и за методите и тактиките што е можно да се применат до крајот на денот, а ако е потребно и ангажирање на хеликоптерскко противпожарно дејство. Утрово Ангелов оствари куса координативна средба во Барово со градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров, а и локалните сили и дел од месните жители – изјави портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова

Според информациите од ЦУК, пожарот кој вчера избувна меѓу селото Црвена Вода и планинарскиот дом „Китка“ е ставен под контрола, иако на опожарените места сѐ уште чади поради догорувањето на корењата и гранките.

Пожарот кој започна вчера во попладневните часови во атарот на с.Г.Мелничани во општина Центар Жупа е активен, и од утринава испратени се на терен четири пожарникари од Дебар, десет вработени од ШС „Стогово“ од Дебар, припадници на полиција од ПС-Дебар, градежна механизација и вработени од општина Центар Жупа.

Локализиран е пожарот на подрачјето на општина Кратово во местото викано Кормина, а изгаснати се пожарите кај селата Грумази и Ивени, запалената депонија во Радовиш, и пожарот кај селото Шипковица на планината Плачковица.