Во Кривичниот суд во Скопје попладнево со прикажување видео снимки од безбедносните камери продолжи судењето за случувањата во Парламентот на 27 април минатата година. Едната снимка од безбедносната камера од пред кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски се гледаше до околу 17 часот, а потоа беше пуштена и другата снимка од балкон-салата во Собранието.

На првата снимка се гледа движење на обезбедувањето на Вељановски, како и на обвинетите Горан Ѓошевски, Елена Божиновска и Иван Цветковски, кои ја упатуваат толпата луѓе низ ходникот што води кон прес-салата во Собранието.

Обвинителката Вилма Русковска посочи дека на снимката се гледа присуство на вработени во Министерството за внатрешни работи и Едницата за брзо распоредување, потоа движење на луѓе во помали и поголеми групи, како и туркање на почетокот на ходникот кон прес-центарот.

На снимката, меѓу другото, се гледа и како обвинетиот Владо Јовановски заедно со уште еден човек, изнесува едно повредено лице.

Обвинителката Ивана Трајчевска побара понатамошниот дел од снимката да не се гледа бидејќи не е јасна, поради делумно заматеност како резултат на удар во кемрата, на што одбраната се согласи.

Потоа беше пуштена наредна снимка каде може да се следи движењето на обвинетата Божиновска до скалите и назад, а позади неа се движи обвинетиот Иван Цветановски. Се забележува и пратеникот Антонио Милишовски, како и група граѓани кои се качуваат нагоре по скалите меѓу кои има и лица со фантомки. Припадник на ЕБР се качува и зема шишиња со вода од лица со фантомки кои седат на средина на салата. 
На снимката се гледаат и обвинетиот Захарие Симовски со фантомка кон кого се приближува  Младен Додевски, а веднаш по него доаѓа и Михаил Младеновски. Покрај нив, на снимката се гледа и обвинетиот Митре Питроповски.

Во предметот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.