Приватни и несуштински разговори беа пуштени во 13 од 25 „бомби“ во судницата за случајот „Монструм“.

Во разговорите се слушаат Коце Трајановски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Надежда Груевска, Никола Груевски, личната секретарка на Груевски Ленче Самарџиски, гатачката на Груевски, Катерина Најденова, Влатко Мијалков, Оливера Трајковска, Орце Камчев, Митко Чавков и Иво Котевски.

Она што засега е одлика на разговорите е дека станува збор за приватни разговори во кои нема суштински детали за убиството, туку нивни верзии за тоа што се случува и кои би можеле да бидат мотивите.

Коце Трајановски го прашува Јанакиески дали може да се сменат столбовите за светло околу обиколницата во чија што близина се случи убиството.

Јанкулоска на Јанакиески му вели дека немало пострашен настан во историјата на државата со толку цивили дури ни во Првата ни во Втората светска војна.

Гатачката и секретарката на Груевски разговараат за настанот. Првата ѝ вели на втората дека според нејзините прогнози има вклучено униформирани лица: „Униформирани лица ќе има умешано“.

Мајката на Груевски разговара со внукот Влатко Мијалков и му вели дека на Сашо Мијалков му пратила порака со нејзина верзија на настанот.

„Моја идеја е тоа, не мора да го прифатат“, вели Надежда. Таа Влатко го кани на ручек, му вели дека запалила свеќи во црквата за неа, за Никола и за сите.

„Ова е направено професионално“, му вели дополнително Надежда на Влатко Мијалков.

Трајковска и Камчев, пак, разговараат двапати за акцијата. Тие се воодушевени што полицијата брзо ги фатила обвинетите.

Судот даде пауза по што продолжува објавата на „бомбите“. На објавата присуствуваат роднините на убиените момчиња.

На денешното рочиште се преслушуваат „бомби“ поврзани со петкратното убиство кое се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.