Фото: Маја Јаневска-Илиева

МАЛОЛЕТНИЦИ ПРЕКРШИТЕЛИ НА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ

На почетокот на летово, Секторот за внатрешни работи – Битола, како резултат на сѐ позачестеното учество на малолетниците во сообраќајот, упати апел првенствено до родителите, со цел да алармираат и да ги предупредат нивните деца за тоа со какви ризици се соочуваат како учесници во сообраќајот

Да се управува моторно возило или мотоцикл кај малолетниците секогаш претставувало „предизвик на забранетото овошје“. Младите брзаат да пораснат, се ставаат на искушенија, дури и од животозагрозувачки карактер, брзаат да управуваат автомобили, брзаат да си го стават сопствениот живот во ризик… Родителите многу често се соочуваат со проблемот на „крадење автомобили“ од страна на сопствените деца, кои непромислено го зеле автомобилот и се вклучиле во сообраќајот без никакво основно познавање на правилата и прописите во сообраќајот. Ништо подобри не се ниту оние што спаѓаат во категоријата возачи почетници, кои сметаат дека веќе се искусни возачи. Управуваат автомобили тогаш кога не смеат и вршат голем број прекршувања на законските прописи.

МАЛОЛЕТНИЦИ УЧЕСНИЦИ ВО СООБРАЌАЈОТ

Неодамна две малолетни лица завршија повредени во сообраќајка во Тетовско. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, на регионалниот пат Тетово – с. Пирок, поточно во селото Камењане, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од малолетник од Тетово и мотоцикл „зонг ненг“ со тетовски регистарски ознаки, исто така, управуван од малолетно лице од Тетово. Во незгодата тешки телесни повреди добил малолетникот што го управувал мотоциклот, констатирани во Клиничката болница – Тетово – информираа од СВР-Тетово.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

На почетокот на летово, Секторот за внатрешни работи – Битола, како резултат на сѐ позачестеното учество на малолетниците во сообраќајот, упати апел првенствено до родителите, со цел да алармираат и да ги предупредат нивните деца за тоа со какви ризици се соочуваат како учесници во сообраќајот.
– Родители, со ваша помош ќе пробаме да влијаеме на свеста, бидејќи ако даваме само бројка или секојдневно како што праќаме информации за сообраќајот тоа поминува незабележано… Родители, сакаме да апелираме, дека знаеме дека сакате да им ги исполните желбите на децата, но ви укажуваме да не им купувате мотоцикли на малолетници, бидејќи децата ќе имаат време за тоа понатаму во животот – апелираа од СВР-Битола.

Секторот за внатрешни работи – Битола во делот на сообраќајот како најчести причини за сообраќајните незгоди ги бележи неприспособената брзина на патот и првенството на минување.
– Од извршената анализа на безбедносната состојба на подрачјето на СВР-Битола, во последните четири години (2017- 2020 година), имало вкупно девет загинати возачи на мопеди, мотоцикли, трицикли или четирицикли, а во истиот четиригодишен период имало и 69 возачи на мопеди, мотоцикли, трицикли или четирицикли што добиле тешки телесни повреди – информираа од СВР-Битола.

ДУРИ 2.047 ПРЕКРШОЧНИ ПЛАТНИ НАЛОЗИ

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, возачите почетници за периодот од јануари до крајот на месец јули, реализирале дури 2.047 прекршоци за кои им биле издадени платни налози. Колку за потсетување, во согласност со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возач почетник е секој возач на возило во период од две години, по добивањето на возачката дозвола, независно дали дозволата ја добил во Република Македонија или во странство.
– Најчести прекршоци што ги чинат возачите почетници се управување со возило во патниот сообраќај во времето од 23 часот до 5 часот и управување возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати – велат од МВР.

Што се однесува до малолетниците, од МВР велат дека имаат евидентирано случаи во кои малолетници се фатени како возачи на мотоцикли и автомобили.
– Откриени се возачи на мотори и автомобили што се малолетници, а санкциите за нив се спроведуваат во согласност со одредбите од членот 393-а и 393-б од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18 и 191/18), и Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 302/20) – информираат од МВР.

[email protected]