Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според актуелните податоци на МВР, и во текот на 2021 година продолжува трендот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на жртви. Во периодот од први јануари до 15 април 2021 година, бројот на сообраќајни незгоди е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани, а бројот на жртви е намален за 14 отсто

Уште од минатата година, Министерството за внатрешни работи преку сообраќајната полиција реализира голем број контроли низ улиците во земјава, заради превентивни цели, меѓутоа и заради спречување на самоволието што возачите, пешаците и мотоциклистите редовно го реализираат во сообраќајот, не почитувајќи ги основните правила и прописи за безбедност во сообраќајот. Низа истражувања и статистички податоци ја отсликуваат сообраќајната некултура, со која сите ние во земјава се одликуваме како учесници во сообраќајот. Она што најмногу е за поздрав е фактот што како резултат на зголемените сообраќајни контроли значително е намалена бројката на сообраќајни несреќи, која во изминатата 2020 година изнесува 125 жртви, што е најмала бројка на жртви во земјава.
Според актуелните податоци на МВР, и во текот на 2021 година продолжува трендот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на жртви. Во периодот од први јануари до 15 април 2021 година, бројот на сообраќајни незгоди е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани, а бројот на жртви е намален за 14 отсто.

СКОПЈАНИ НАЈСАНКЦИОНИРАНИ ВОЗАЧИ

Сепак, секојдневните статистики на МВР покажуваат дека возачите продолжуваат со несовесното учествување во сообраќајот во земјава. Интересно е да се сврти вниманието за тоа кој град во земјава има најголем број сообраќајни прекршоци по одредени прекршувања на законот.
Убедливо, Скопје е градот каде што полицијата најмногу санкционирала возачи за брзо возење, без возачка дозвола, за некористење безбедносен појас, а казни има и за прекршоци што ги прават пешаците и мотоциклистите.
– Ве известуваме дека во периодот од 1.1.2021 година до 24.5.2021 година, најмногу учесниците во сообраќајот се санкционирани на подрачјето на Секторот за внатрешни работи во Скопје: брзо возење 5.754, без возачка дозвола 2.062, користење мобилен телефон 1.534, некористење сигурносен појас 845, прекршоци што ги прават пешаците 708 и прекршоци сторени од страна на возачи на мотоцикли, мопеди и друго 554 – велат од МВР.
Втор град по сообраќајни прекршоци е Тетово, каде што секторот за внатрешни работи од Тетово евидентирал дури 4.903 сообраќајни прекршоци за брзо возење, 783 за возење без возачка дозвола, 163 за користење мобилен телефон, за некористење сигурносен појас 269, 418 прекршоци од страна на пешаците и 140 прекршоци направени од страна на возачи на мопеди, мотоциклисти и други.
Ниту штипјани не се возачи што можат да се пофалат со примерно однесување во сообраќајот. Сообраќајната полиција при СВР-Штип за брзо возење санкционирала 4.829 лица: за возење без возачка дозвола 1.432 лица, за користење мобилен телефон 179 лица, за некористење сигурносен појас 396, санкционирани се 177 пешаци, додека за прекршоци сторени од страна на возачи на мотоцикли, мопеди и други се санкционирани 204 лица.
Веднаш по Штип, статистиката покажува дека на листата најсанкционирани возачи има во Битола, каде што за брзо возење се казнети 3.994 лица, а зад нив се возачите од кумановскиот регион, каде што за брзо возење се казнети 3.146 возачи. Сообраќајната полиција од СВР-Охрид санкционирала 3.085 возачи.

СТРУМИЧАНИ И ВЕЛЕШАНИ НАЈПРИМЕРНИ ВОЗАЧИ СПОРЕД БРОЈОТ НА САНКЦИОНИРАНИ

Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека во струмичкиот регион има најмал број санкционирани возачи, независно за кој сообраќаен прекршок станува збор.
Тука, за брзо возење, иако бројката е доста голема, сепак е помала од онаа во Скопје, Тетово или во Битола.
– Во Секторот за внатрешни работи во Струмица се евидентирани 2.823 санкции за брзо возење, за возење без возачка дозвола се санкционирани 1.175, за користење мобилен телефон 140, за некористење сигурносен појас 685, додека регистрирани се 115 прекршоци што ги направиле пешаците и регистрирани се 51 прекршок сторени од страна на возачи на мотоцикли, мопеди и друго – информираат од МВР.
За 256 повеќе санкционирани возачи има во Велешко, каде што бројката на санкционирани изнесува 3.079 казни за брзо возење.
Во Секторот за внатрешни работи во Велес за брзо возење се казнети 3.079 возачи, за возење без возачка дозвола 783 возачи, за користење мобилен телефон 163, за некористење сигурносен појас 269, регистрирани се 133 прекршоци што ги прават пешаците и 171 прекршок сторени од страна на возачи на мотоцикли, мопеди и друго.

[email protected]