Како што соопшти црногорската полиција, синоќа во Котор биле уапсени повеќе лица, а меѓу нив, наводно и водачот на Кавачкиот криминален клан, Слободан Кашчелан, неговиот телохранител Владимир Вучковиќ и Милош Радоњиќ и Крсто Марош од Котор.

Кавачкиот клан во последните неколку години ја презел главната улога во црногорското, но и во српското подземје, како што известуваат медиумите.

Покрај нив, инспекторите од Секторот за борба против криминал уапсиле уште три лица, а се бараат уште неколку членови и организатори на криминалната група, пишува порталот „Вијести“.

Кашчелан се сомничи за организирање на криминална група која извршила и планирала повеќе тешки кривични дела, за што се предвидува казна затвор и до 40 години.

Полицијата утрово соопшти дека презема планирани активности насочени кон криминалните групи.

„Неколку лица се уапсени. Активностите се во тек“, беше објавено на официјалниот профил на Твитер, на кој беше поставено и видео од акцијата.

Слободан Кашчелан и Радоје Звицер до 2014 година беа едни од главните луѓе на тогаш единствениот и опасен Шкаљарски клан, но по конфликтот со нивните соработници, решија да формираат свој клан – Кавачки. Од тој ден, двајцата се на чело на оваа криминална организација, која секоја година гради се поголемо влијание во подземјето. Црногорците Игор Божовиќ и Милош Радоњиќ исто така добиле водечки позиции во управувањето со криминалната група, како што објавуваат медиумите од регионот.