Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, минатата година 20 пешаци го загубиле животот како резултат на сообраќајните незгоди во нашата држава. Тешки телесни повреди добиле 151 пешак, а телесни повреди добиле 473 пешаци… Сепак, статистиката исклучително предупредува и нѐ става сите нас на штрек…

ПЕШАЦИТЕ СЕПАК НАЈРАНЛИВА КАТЕГОРИЈА УЧЕСНИЦИ ВО СООБРАЌАЈОТ

Покрај тоа што пешачењето е една од најздравите навики што еден човек може да ја има, а докторите ја препорачуваат оваа навика за сите, за деца, за млади, за возрасни и пензионери, сепак, пешаците се една од најранливите категории учесници во сообраќајот. Според европските статистики, дури 21 процент од сите несреќи на улиците им се случуваат на пешаците, и тоа претежно на лицата над 65 години.

ВНИМАТЕЛНИ ПРОШЕТКИ

Летниот период несомнено ги вади сите луѓе надвор на прошетка. Уживањето во топлото и убаво време и рекреативните прошетки се нешто што најмногу се практикува во овој период од годината. Сега, кога и летниот распуст е во тек, низ улиците можат да се забележат и дечиња и повозрасни малолетници, кои времето го користат за прошетка со врсниците.
За жал, големата бројка на прегазени пешаци не се должи само на невниманието на возачите, напротив, недисциплинираноста на пешаците е голема, за што сведочат граѓаните.
– Најголем проблем се децата. Играат топка, топката ќе им излета на улица, без да погледнат тие истрчуваат на улицата за да ја земат топката. Реагираат несвесно и импулсивно, брзаат само да ја заштитат топката, воопшто не размислувајќи дека наместо топката, токму тие можат да настрадаат. Навистина е страшно да се вози во такви услови, особено во метрополата, каде што бројот на пешаци е и најголем. Неколкупати досега ми се има случено да треба да кочам нагло затоа што преминуваат улица каде што ќе стигнат, прескокнуваат преку жардиниери, на места што воопшто не се предвидени за премин на пешаци. Тоа е навистина тешко и стресно. Никој возач не би сакал да прегази пешак, независно дали е дете или возрасен човек, меѓутоа нивното невнимание навистина е огромно – вели Зоран Б.
Невнимателноста е забележана и кај возачите. Возењето пребрзо, но и несовесното претекнување се доста честа слика низ метрополата, особено доколку се забележат секојдневните сообраќајни извештаи на Министерството за внатрешни работи.
– На обележан пешачки премин на булевар со три сообраќајни ленти, возачот на првото возило во лентата пред мене застанува, но тој во средната лента воопшто не се грижи за тоа што јас со две деца сум тргнала да ја преминувам улицата. Вози со огромна брзина, како да знае дека ќе застанам. Што ако не го забележам? Ќе нѐ прегази и што потоа? Чест е случајот на возачи што несовесно ќе прегазат пешак, па бегаат од местото за да не понесе одговорност. Ако возачите не се подготвени да возат внимателно и да понесат одговорност за своето возење, воопшто не треба да седнуваат зад воланот – вели Марија Доневска.

ДНЕВНО СЕ КАЗНУВААТ И ПО 250 ПЕШАЦИ

Само за еден месец, во земјава се забележани неколку случаи на прегазени пешаци со автомобили и мотори. Еден пешак од Прилеп заврши со тешки телесни повреди откако беше прегазен, додека една жена што пешачела во Битола била прегазена од страна на мотор.
Ова се само мал дел од несреќните случаи што речиси секојдневно им се случуваат на пешаците.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, минатата година 20 пешаци го загубиле животот како резултат на прегазување на улиците.
– Тешки телесни повреди добиле 151 пешак, а телесни повреди добиле 473 пешаци – информираат од МВР.
Според достапните информации од акциите на МВР, како дел од активностите за зголемена безбедност на сообраќајот на патиштата, може да се види дека најмногу се санкционираат пешаците поради небезбедно преминување улица.
Само во еден ден се казнуваат повеќе од 250 пешаци, како резултат на нивното несовесно учество во сообраќајот.

[email protected]