Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оваа е период од годината кога има честа појава на дожд, магла, снег, голомразица, односно ова е период од годината кога временските услови значително влијаат на условите за безбедно одвивање на сообраќајот и затоа возачите, односно возилата, треба да бидат соодветно подготвени, предупредуваат на својата интернет-страница од РСБСП

АПЕЛИ ГРАЃАНИТЕ ДА ЈА ЗГОЛЕМАТ СООБРАЌАЈНАТА ПРЕТПАЗЛИВОСТ

Зимскиот период секогаш е причина за сообраќајни несреќи, кои се случуваат како последица на непочитувањето на правилата и прописите за возење во зимски услови. Голомразицата, замрзнатиот дожд и ниските температури се најголемите ризик-фактори за возачите, па, така, во зимскиот период од годината најчесто низ медиумите може да се забележат сообраќајни незгоди причинети како резултат на неповолните услови на патиштата.
Интензивните врнежи од дожд што ја зафатија земјава периодов предизвикаа низа проблеми за непречено одвивање на сообраќајот. Само на патот кон Маврово во текот на завчерашниот ден поради врнењето леден дожд паднаа стотина дрвја што не можеле да ја издржат тежината од мразот. На овој патен превез имало и одрони од камера и кал, а освен таму, паднати дрвја имало и на Стража. Јавното претпријатие „Македонија пат“ го прекина сообраќајот на патот за да се спречат поголеми инциденти.
Во рамките на зимската кампања 2020-2021 на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, чија цел е унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во зимскиот период од годината и издигање на свеста за поголема употреба на зимска опрема во возилата, РСБСП во изминатиот период организира сообраќајно-едукативни активности во повеќе градови, во кои возачите беа информирани и едуцирани за позитивните придобивки од употребата на зимските гуми и потребата од поседување зимска опрема во возилата, а исто така беа организирани и показни вежби за правилно, брзо и безбедно монтирање синџири за снег.

Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот, за своја лична безбедност, за безбедноста на своите најблиски и воопшто за севкупната безбедност во сообраќајот, да ги почитуваат законските обврски, да користат соодветна зимска опрема и да направат соодветна зимска проверка на возилото.
– Оваа е период од годината кога има честа појава на дожд, магла, снег, голомразица, односно ова е период од годината кога временските услови значително влијаат на условите за безбедно одвивање на сообраќајот и затоа возачите, односно возилата, треба да бидат соодветно подготвени – предупредуваат на својата интернет-страница од РСБСП.
Оттаму додаваат, големиот број сообраќајни незгоди и големиот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди нека бидат предупредување и потсетување за сите учесници во сообраќајот дека последиците од сообраќајните незгоди не се за потценување и затоа сите треба да бидат максимално одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да ги почитуваат обврските што ги имаат како возачи а се однесуваат на зимската опрема во возилата.
– Мора да се вози внимателно, затоа што навистина овој период е доста ризичен за нас како возачи. Осојни места каде што не се забележува дека е замрзнато се најголемиот ризик за возење, бидејќи не може да се предвиди каде е замрзнато, а каде не, најдобро е да се вози со соодветна опрема и со голема претпазливост – вели Бојан Димовски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зголеменото присуство на полицијата низ државава е токму за таа цел, почитување на законските обврски и намалување на животозагрозувачките несреќи.
Неодамна портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски, истакна дека бројот на сообраќајки е намален во однос на минатата година.
– Засилените контроли продолжуваат и во наредните денови и евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога се спроведуваат овие контроли. Во ноември 2020 споредено со ноември 2019 имавме намалување од 21 отсто, а кога ќе го споредиме декември 2020 со декември 2019 имаме намалување од 23 отсто на бројот на сообраќајни незгоди. Како резултат на преземените активности, 2020 година е со најниска бројка на жртви во сообраќајот во историјата на државата – рече Ангеловски.

[email protected]