Власта и Русковска ја развлекуваат постапката за „Рекет“. Шест месеци откако е пријавен случајот се уште немаме одговори каде завршила ташната Луј Витон со 1,5 милиони евра, дали со парите од „Рекет“ е финансирана кампањата на СДСМ и Стево Пендаровски, колку бизнисмени биле жртва на „Рекет“ и колку вкупно пари биле изрекетирани, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, исказот на сведокот и жртвата во текот на вчерашниот ден само потврдува дека некој од власт ја заташкува истрагата.

– Јавноста е збунета, а власта нешто крие. Што барал министерот за здравство Венко Филипче на една од средбите помеѓу рекетарот Боки 13 и жртвата!? Зарем Филипче мисли дека јавноста му верува на исказот дека со шоуменот Боки 13 разговарале за болници. Катица Јанева не земала 50.000 евра, туку 350.000 евра. Со тоа и противправната имотна корист, а и тежината на делото се зголемува. Обвинението кон неа треба да се преформулира. Ташната Луј Витон патувала на повеќе локации. И очигледно повеќе лица се стекнале со противправна имотна корист. Кои се тие!? И зошто до сега не биле опфатени со истрагата!? Русковска бега од вистината. Затоа не сака да истражи каде заминала ташната и каде се патувала. Русковска ја влече истрагата затоа што знае дека зад „Рекет“ стои врвот на власт, без кој милионски рекет во толкав временски период воопшто не би бил возможен. Граѓаните очекуваат ефикасна и ефективна разрешница на „Рекет“ – се вели во партиското соопштение.


СДСМ: што финансирале фирми на Орце Камчев?

ВМРО-ДПМНЕ соочена со убедлив и извесен пораз на претстојните парламентарни избори кулминира со нервозни соопштенија и страв дека вистината за нивниот најнов криминал ќе излезе на виделина. Молкот на опозицијата за незаконскиот долг од 400.000 евра за кампањата на Сиљаноска е гласен индикатор дека ВМРО-ДПМНЕ прикрива голем скандал, голема афера, соопшти СДСМ.

Партијата прашува што финансирале фирми на Орце Камчев, осомничен во неколку предмети на СЈО?

Дали има врска со рекет во самата ВМРО-ДПМНЕ? Овие одговори треба да ги даде истрагата. Фактите се јасни, ВМРО-ДПМНЕ должи 400.000 евра за кампањата на Гордана Сиљановска. Тоа е спротивно на член 71 од Изборниот законик каде е наведено дека сите трошоци за кампањата исклучиво треба се покријат од средствата на таа сметка. Наместо да штанцаат нервозни соопштенија од симболот на криминал и расипништво, нивниот бел дворец, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да одговорат на јавно поставените прашања. Одговорност за оваа афера мора да има, се додава во соопштението.