Членот на извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки изјави дека денеска во ОЈО поднеле три кривични пријави, две против актуелната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и една против раководно лице во Министерството за одбрана.

– Ова е првпат во историјата на модерна Македонија, актуелен министер за одбрана, на ваков незаконски и крајно непрофесионален начин, дрско да ја злоупотреби својата позиција и содржини од класифицирани документи да искористи исклучиво во своја лична и партиска промоција – изјави Ковачки.

Според него, Шекеринска ја загрозува и безбедноста, но и државата во целост со тоа што издава информации кои се од витално значење за одбраната.

– Цениме дека ваквиот, во континуитет незаконски однос кон класифицираните информации од страна на актуелен министер за одбрана којшто е платен и по закон е обврзан да ги чува и штити класифицираните информации е неприфатлив и бараме од ОЈО веднаш да пристапи кон своите законски надлежности и да поведе постапка пред надлежен Суд – вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија бараат одговорност и оставка од Шекеринска.