Фото: Маја Јаневска-Илиева

На вчерашниот протест кој го организираа роднините на осудените во „Монструм“ повредени се вкупно 11 полицајци.

Веднаш по протестот МВР јави дека бројот на повредни полицајци е седум, но повреди имале уште четворица полицајци поради кои бројката се искачила на 11.

Сите се на домашно лекување.

– Кај сите полициски службеници се констатирани лесни телесни повреди и истите по извршен преглед се пуштени на домашно лекување – велат од МВР.

Досега во полициска станица се приведени осум демонстранти, а по насоки на Јавен обвинител ќе им биде поднесена кривична пријава за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, предвидено и казниво по член 385 од Кривичниот законик.

– СВР Скопје презема активни мерки и активности за дополнителна идентификација на други лица кои учествуваа во нарушувањето на јавниот ред и мир по што ќе бидат преземени соодветни законски мерки – велат од МВР.

Демонстранти со фантомки вчера на протестот врз полицијата фрлаа камења, јајца, балони со вода, боја, пластични столици, а врз полицијата ги фрлаа и металните корпи за отпадоци што ги откорнуваа од тротоарите.


Новинар тешко повреден откако бил погоден со тврд предмет

Новинар од Скопје вчера бил погоден со тврд предмет од толпата демонстранти, за време на протестот за случајот „Монструм“.

Тој бил пренесен во болницата Св.Наум Охридски, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.

– На 26.2.2021 околу 17.30 часот во Полициската станица Бит Пазар, Б.С.(49) од Скопје пријавил дека, додека бил работно ангажиран како новинар за време на протестот за случајот „Монструм“, бил погоден со тврд предмет од толпата демонстранти, по што во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ му биле констатирани тешки телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – соопшти МВР попладнево.

Уште неколку случаи со нападнати новинари и медиумски работници претходно беа пријавени, а се случиле за време на насилните протести кај Бит-пазар.

Група демонстранти вчера се обиделе да им ја одземат опремата на медиумските работници од државната новинска агенција МИА. Снимателот бил турнат а неговата опрема оштетена.

Во третиот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице.

Новинарските организации ги осудија нападите и побараа казни за извршителите.

Владата утрово порача дека ќе се спроведат постапки овие дела да бидат институционално расчистени.