Ексразузнавачот и советник за безбедност на премиерот, Зоран Заев, Зоран Верушевски, ја тужи државата за двата неосновани притвора со кои беше во затвор 11 месеца во 2015 година за случајот „Пуч“ и обвинението за неовластено поседување оружје. Оштетното побарување на Верушевски е четири милиони и 104 илјади денари или приближно 71 илјада евра.

– Мотивот на оваа правна иницијатива е да се заокружи личната семејна голгота која ми ја наметна државата со конструкција без преседан во историјата на државата. Бев неосновано обвинет за најтешки дела од велепредавство и шпионажа до монструозно обвинение поврзано со педофилија и лична дискредитација – рече вознемирениот Верушевски пред судијката Јехона Садику.

Тој кажа дека сите оние кои му го скроиле ова се надвор од лицето на правдата, алудирајќи на обвинителството и полицијата.

– Ниту бегството на поранешниот премиер не беше доволно, сите инволвирани во вакви злоупотреби да бидат изведени пред лицето на правдата – кажа поранешниот разузнавач и дополни дека сака да верува оти ваквите злоупотреби ќе бидат последни.

– Не беше лесно тие денови да се биде пријател на Верушевски. Тортурата на медиумите го докусуруваше секој член на семејството. Медиумите кои ја бранеа власта беа немилосрдни – рече Верушевски кој во тоа време бил декан на факултетот за безбедност при универзитетот ФОН.

Верушевски рече дека независно дали тогашните провладини новинари, како што рече, го промениле рувото, тие засекогаш ќе останат на столбот на срамот.

Верушевски, како што кажа неговата адвокатка пред судот, доживеал душевна болка поради неоснованото апсење и држењето во притвор 344 дена за што беше доставен психијатриски наод.

Претставникот од правобранителството рече дека не се противи на барањето на тужителот, туку само на износот.

Изрекувањето на пресудата е закажно на 4 ноември.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го товареше ексразузнавачот за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и насилство спрема претставници од највисоки државни органи. Верушевски беше во притвор од јануари до крајот на декември 2015 година. СЈО го повлече обвинението за случајот.