Во сведочењето за масовното прислушување во предметот „Таргет Тврдина“, ексразузнавачот Зоран Верушевски сведочеше дека во 2010 година ги добил првите информации за бомбите. На почетокот на сведочењето рече дека останува на исказот што го дал пред обвинителот за гонење организиран криминал и корупција во случајот „Пуч“.

На барање на обвинителот Артан Ајро да посочи на што точно се сеќава, Верушевски рече дека сѐ убаво објаснил во исказот кој го дал по неговото апсење во случајот „Пуч“. Toj кажа дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека добил сензитивни информации со кои постапувал.

– До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност – изјави Верушевски.

Верушевски појасни дека никакви материјали не му предал Ѓорѓи Лазаревски и дека одговорноста за материјалите била на партијата.

– Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата кои донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година. Документацијата е цело време во партијата и со неа управува претседателот на партијата. Информацијата и документацијата не завршуваше кај мене, туку кај политичката партија – кажа Верушевски пред судот.

Тој рече дека откако го уапсиле бомбите доживеале промени.

– Факт е дека таа документација доживеа стравотна модификација и компромитирање и сето тоа се случува по моето лишување од слобода – сведочеше Верушевски.

Тој додаде дека исказот на Ѓорѓи Лазаревски пред Обвинителството за случајот „Пуч“ бил целосно невистинит. Следното рочиште кога адвокатите на обвинетите ќе го испрашуваат Верушевски е закажано за 10 октомври.