Тројца луѓе по мое длабоко убедување се фокусот на креацијата на оваа документација, тројцата се избегани од државата и врз база на таа документација добиваат третман во државите каде што се избегани, објасни денеска Зоран Верушевски, актуелен советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, на судењето за незаконски прислушуваните разговори.

Верушевски посочи дека тројцата избегани луѓе се: екс-премиерот, Никола Груевски, за кој смета дека требало да биде првообвинет во овој предмет, началникот на петтата управа Горан Грујевски и Никола Бошкоски, за кого рече дека не го познава, но смета дека и тој носи голем товар на вина, посебно поради објавувањето на приватни разговори на граѓаните.

Верушевски пред судот рече дека ако опремата била задржана, а не уништена, многу лесно низ вештачење ќе се дошло до вистината за овој случај.

Тој рече дека СЈО поседува само мал дел од документацијата која што им е на располагање на тројцата пребегани и само „Господ знае со што се располагаат тие“.

Верушевски објасни на што мислел кога минатото рочиште рече дека по неговото приведување во случајот „Пуч“, доставените документи доживеале модификација и компромитација.

– Базичната документација, нејзиниот обем и нејзината целосна структура беше во рацете на луѓето кои сега се во бегство во Грција и Унгарија – рече Верушевски, алудирајќи на тоа дека од нивен интерес е да ја користат документацијата за свои цели.

На денешното судење требаше Зоран Верушевски вкрстено да се испитува од страна на обвинетите, но на почетокот на судењето, одбраната се изјасни дека нема прашања за сведокот. Поради правилно утврдување на фактичката состојба, откако заврши вкрстеното испитување, прашања на сведокот предложен од нив, му поставуваа обвинителите.

Обвинителката, Ленче Ристовска го замоли сведокот да појасни од кои лица ги добивал информациите и во каква форма биле. Верушевски објасни дека кон крајот на 2010 постоеле сознанија и соодветни докази кои укажувале на ограничување на демократските капацитети на власта, како и сомневања за постоење на ограничена комуникација насочена кон опозицијата.

– Информациите доаѓаа од повеќе извори и јас ја имав приликата таа документација да ја обработувам. Во комуникација со изворите и информациите се потврдија сомневањата за грубата повреда на слободата на говор, слободата на комуникација и човековите права и слободи, посебно во делот на политичкото живеење – рече Верушевски.

Ристовска некоупати се обиде да праша во каква форма ги добивал документите Верушевски и на што биле снимени, но единствениот негов одговор беше дека документацијата била дигитален запис.

Следното судење е закажано за 24 октомври, кога треба да сведочи премиерот, Зоран Заев.