Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против А.С.(29) од Велес осомничен дека извршил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

На ул.„Сава Михајлов“ во Скопје на 10.09.2018 година во 19.30 часот полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „Матиз“ со велешки регистарски ознаки, кое било паркирано на тротоар, како и проверка на идентитетот на возачот.

– Во тоа време дошол и пријавениот А.С., кој, исто така, бил легитимиран и бил извршен преглед на неговата чанта. При прегледот, во чантата биле пронајдени три пакувања со околу 300 грама хероин, една кеса со 285 грама мешавина од кофеин и парацетамол и едно пакување со околу 10 грама кокаин и два мобилни телефона-соопшти денеска МВР.

Лицата биле лишени од слобода и донесени во Полициската станица Гази Баба, по што возачот бил пуштен, а А.С. бил задржан за понатамошна постапка. Предметите се одземени, стои во соопштението, и по извршеното вештачење, во координација со Основното јавно обвинителство, против А.С. е поднесена кривична пријава.