Поранешниот вработен во 1ТВ, Сергеј Варошлија, кој беше присутен и при апсењето на Бојан Јовановски за случајот „Рекет“, на денешното рочиште раскажа дека ги видел осудениот Зоран Милески-Кичеец во придружба на Ана Камчева во седиштето на поранешната „1 ТВ“. Вторпат, Камчева и Кичеец ги видел во домот на Јовановски, кога се разминале додека тој заминувал а тие доаѓале во Орман.

„Не носеа ништо“, рече Варошлија одговарајќи на прашање од адвокатот на Сашо Дуковски дали во нив имале ташна или несесер.

Тој во сведочењето напомена дека никогаш не ја видел поранешната специјална јавна обвинителка, а сега второобвинета во случајот „Рекет“, Катица Јанева во домот на Јовановски.

За денот на апсењето, Варошлија кажа дека тој, новинарката Анета Кочишки и водителката Лила Филиповска требало да одат на одмор. Според него, одморот бил планиран од пролетта, што значи дека Јовановски не планирал да бега. Утрото, тие отишле во домот на Јовановски. Кога стигнале на граница, на пасошка контрола, Јовановски го тргнале на страна, на нас ни кажаа дека можеме да си одиме, а тој да остане таму.

– Правеа претрес. Беа одземени мои работи, чевли, чанти. Мислеа дека се што е брендирано е на Бојан. Одморот секој сам си го плати – раскажа Варошлија.

Според сведочењето на Варошлија, осудениот Зоран Милески-Кичеец во кафуле ги честел за еден од неговите родендени, бидејќи требало да го слави во домот на бизнисменот Орце Камчев, кој пак го пријави случајот „Рекет“. Частењето во кафуле било бидејќи првоосомничениот Јовановски не сакал да оди таму.

Прва сведочеше Марија Јанковска, која е сопственичка на оптика и имала соработка, односно се познавала и патувала со обвинетиот. Таа кажа дека се познавала со него и тоа многу и помогнало бидејќи познанставата на Јовановски и носеле нови клиенти. Таа пред судот кажа дека со Јовановски била и пет дена на одмор во Грција, но се сама си платила.

– Сама си ги плаќав патувањата, освен кога сме патувале со автомобил – рече Јанковска.

На прашањето од адвокатот Сашо Дуковски, дали Јовановски добивал нешто при патувањата и средбите во странство, сведокот Јанковска рече дека се случувало модните брендови да им подарат на инфуленсерите нешто што треба да излезе следната сезона.