Фото: Макфакс

Бугарското обвинителство ќе испрати обвинител и истражител во Скопје, кои ќе го достават барањето за правна помош на Македонија, објавија повеќе медиуми повикувајќи се на изјави од Сијка Милева, портпаролка на јавниот обвинител на Бугарија.

Тие се дел од тимот составен од шест истражители од бугарската Национална истражба служба и од тројца обвинители од Окружното обвинителство во Перник, откако во Бугарија е отворена предистражна постапка за тешката автобуска несреќа на автопатот „Струма“.

За идентификација на загинатите, бугарската екипа на лице место ќе ги добие ДНК-профилите од роднините на загинатите за да ги спореди со ДНК-профилите на жртвите. Предвидено е бугарските претставници лично да ги преземат документите заради брзина и ефикасност во истрагата.