Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе една кривична пријава за четворица државјани на Велика Британија, кои во периодот од август до декември 2020 година извршиле кривично дело компјутерска измама, казниво по член 251-б став 3 од Кривичниот законик.

Осомничените во повеќе наврати извршиле неовластен упад во електронската комуникација помеѓу правен субјект од Радовиш и правен субјект од Лондон и со менување и прекривање, односно пренасочување компјутерски податоци, доставиле лажни фактури на кои извршиле промена на сметката на која требало субјектот од Радовиш да изврши уплата.

Врз основа на вака изготвени лажни фактури правниот субјект од Радовиш извршил 4 уплати на различни сметки во банки во Велика Британија за кои преку меѓународна правна помош е утврдено дека се сопственост на четворицата осомничени од Велика Британија.

Со стореното дело осомничените стекнале противправна имотна корист во висина од 15.006.000 денари на штета на правниот субјект од Радовиш.